Зборувавме со македонскиот бренд за детска облека Tilla кој од неодамна е присутен во нашиот трговски центар. Ве запознаваме одблизу со нив преку едно кратко интервју.
1. Што е тоа што Ве поттикна да започнете производство на детска облека?
-Огромното искуство во производство на ексклузивна детска облека за европски пазар во спој со желбата да се создаде нешто уникатно и квалитетно достапно за секого. Тила се појави пред 10 години во период кога кинеската роба имаше експанзија на македонскиот пазар. Единствена поквалитетна облека за најмалите нудеа скапите странски брендови. Така се одлучивме да создадеме квалитетен и препознатлив бренд на детска облека кој ќе биде во тек со светските трендови , а сепак достапен за македонскиот потрошувач.


2. Редовно промовирате нови линии и продажни места. Дали има нешто што Ве мотивира константно да ја надградувате Вашата динамика?
– Самата побарувачка од страна на потрошувачите е причина за зголемувањето на бројот на продажни места, а со секоја промена на годишните времиња, со следењето на трендовите и се она што е актуелно во светот, резултира со нови производи, нови колекции, бои, материјали и сл.

3. Неодамна отворивте продажно место во Капитол мол. Какво е чувството редовно да ги проширувате продажните места и дали со првото продажно место во Скопје очекувате додатна инспирација во понудата на нови производи?
– Зголемувањето на продажните места воедно значи и зголемување на побарувачката на нашиот бренд, а тоа е нешто што секогаш нѐ радува. Да, секое продажно место во различни градови си повлекува различни вкусови, различни трендови, а со тоа се менува и понудата на производи.

4. Каква е динамиката на Вашиот тим и како креирате нови парчиња облека?
-Тила колекциите излегуваат 6 пати годишно, со промената на годишните времиња и 2 колекции се празнични, односно новогодишна и велигденска. Во зависност од тоа која колекција се креира зависи и типот на модели, боите кои ги користиме и слично. Од друга страна преку социјалните мрежи сме во директен контакт со нашите потрошувачи и многу често ги следиме и нивните желби и барања.

5. Како се чувствувате кога ќе видите некое мало дете среќно во Вашата продавница?
– Се разбира, чувството е прекрасно! Затоа и ја започнавме традицијата на објавување албуми насловени „ТИЛАНЦИ“ во кои објавуваме слики од дечиња облечени во нашите модели.

6. Кое е Вашето омилено парче облека. Нешто што и Вашите деца би сакале да го имаат?
– Не би можеле да издвоиме ниедно парче посебно бидејќи сите ни се подеднакво драги и се создавани со многу љубов и внимание.






