Денеска пред нашиот трговски центар беше поставен контејнер за ситни електронски апарати, во кој ќе може да се одложува отпад како лаптоп компјутери, тастатури, глувчиња, кабли, звучници, слушалки, домашни телефони и мобилни телефони, МП3 плеери, видео-камери, пегли, фенови за коса и слични мали апарати од домаќинствата.
На настанот присуствуваа градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, директорот на Друштвото за управување со отпад „Нула отпад“, Марјанчо Дамески и директорката на ТЦ „Капитол мол“, Даниела Адемоска.
„Денеска поставивме контејнер за електронски отпад со цел да ја заштитиме животната средина и да ја кренеме јавната свест за селекција на отпадот во нашата Општина“, изјави градоначалникот Марин.
Инаку, габаритниот електронски и електричен отпад, како фрижидери, шпорети и слични апарати од домаќинството, се собира директно од домовите на граѓаните бесплатно. За оваа акција граѓаните можат да пријават на еко-линијата 070/236-000 или, пак, на броевите од најблиската урбана заедница, од каде потоа екипи од Друштвото за управување со отпад „Нула отпад“ ќе ги подигнат расипаните апарати.





